Потребна е соработка меѓу универзитетите за побрзо воведување на дигитални услуги – DigiU и УГД со заеднички заклучоци

Платформата за дигитализација во високото образование „DigiU“ во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја организираше јавната дебата на тема „Патот кон дигиталната трансформација на УГД Штип“. На дискусијата присуствуваа и претставници на УГД Штип, студенти и млади луѓе, граѓански организации, приватен сектор како и други заинтересирани релевантни чинители.

„Наша стратешка цел и цел на организациите зад платформата DigiU се поклопуваат и сфаќаме дека на УГД е направено доволно, но мора да размислуваме и за иднината. Нашата визија е преточена и во еден заеднички документ кој го потпишуваме денес, а кој опфаќа стратешка заложба за организирање на различни активности во рамките на УГД, како што се различни обуки, збогатување на дигитални вештини, вклучително и споделување на нашето искуство во однос на дигитализацијата со други универзитети и високообразовни институции во земјава и регионот“, истакна проректорот на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.

Во рамките на дебатата, која денес се одржа на УГД во Штип, беше истакнато дека политичарите на локално и централно ниво мора да најдат волја да имплементираат дигитализација во законите и владеењето со цел побрза трансформација.

„Успеавме заеднички да ја наметнеме темата во јавноста и кај државните и јавните институции. Во Собранието заедно ос Клубот за млади пратеници се иницираше промена на закони во оваа сфера. Со ова уште еднаш се покажа дека само со заедничка битка можеме да поттикнеме нешто. Во земјава многу се зборува за гола политика, а малку се прави за реалните проблеми на луѓето. Дигитализацијата е спротивно од трчање по шалтери, а реалноста не смее да биде трчање по документи што можат да се извадат онлајн. Дигитализација значи поквалитетен живот и еден од начините како да ги задржиме младите во земјава“, истакна комуникологот Бојан Кордалов, претседател на ИДУЕП, како дел од платформата #DigiU.

На прашањето колку е тежок патот до дигитално општество, Кордалов вели дека најчесто сите ние немаме волја за да ги премостиме пречките.

„Ако имате волја, имате сѐ. Кај нас за сѐ што се има волја лесно се премостуваат и десет планини, а кога се нема волја, и едно брдо од 100на метри одбиваме да го искачиме. Дополнително, сѐ уште нема волја од страна на политичките чинители да се стави оваа тема на врвот на приоритетите бидејќи политичарите сметаат дека се поважни нивните меѓусебни кавги и очекување да се остане или дојде на власт. Но, да бидеме реални, во која земја во светот каде луѓето не трчаат по шалтери, не губат часови и денови да излегуваат од работа, да патуваат по документ кој може за 1 минута да го извадат онлајн, живеат полошо?“, вели Кордалов.

Според членовите на платформата DigiU, УГД е добар пример во однос на дигитализацијата кој треба да го следат другите универзитети, со цел оваа трансформација да оди побрзо.

„Една од причините што денес потпишуваме документ за заложби со УГД е токму поради тоа што ние сметаме дека УГД е еден од примерите што другите државни универзитети треба да го следат. Исто така, може да се земат добри работи од менаџментот што има направено, со цел да ги дигитализираат нивните универзитети. За жал, во нашата култура е што често не сакаме да имаме соработка меѓу универзитетите. Секој мисли дека е поважен и подобар од другиот. Ако сакаме да ги смениме работите генерално во образованието, а особено во делот на дигитилизирањето на услугите и учењето, задолжително е да се воспостави соработка меѓу државните универзитети и да се споделат сите добри практики во што УГД може да одигра мошне позитивна улога“, изјави Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени (ФОП) како дел од #DigiU иницијативата.

Воведни обраќања во рамки на јавната дебата имаа и Митко Андонов од ЕОН ЕДЕН Маркетинг, доц. д-р. Александер Велинов, раководител за е-учење на УГД Штип и проф. д-р. Елениор Николов, Воена Академија Скопје. Настанот го модерираше Шевал Зиза, потпретседател на УСС при УГД Штип.

По завршувањето на настанот, беше потпишан и Документ со заложби во насока на поддршка на процесот на дигитална трансформација помеѓу УГД и дел од претставниците на платформата #DigiU.

Повеќе инфо:

Иницијативата #DigiU е иницирана од Форумот за образовни промени (ФОП-FECH), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). Таа официјално започна на 3 февруари 2023 година, а на конститутивната средба присуствуваа и своја поддршка дадоа и дел од студентските собранија. „Студентите имаат 100 проблеми, но трчањето по шалтери не треба да е еден од нив!“ – беше заедничкиот заклучок за време на овој прв официјален состанок. За таа цел, студентите и нивните организации, обединети во рамки на #DigiU бараат дигитално трансформирани универзитети и дигитални услуги во високото образование!

Исто така, #DigiU организираше Форум на тема „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“, кој се одржа на 27.4.2023 година. Непосредно потоа беше промовирана и Анализата на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети издадена на македонски и албански јазик. Оваа публикација е изработена од страна на ФОП, ИДУЕП и YEA и е поддржана од страна на European Endowment for Democracy (EED).

Related articles

This website is supported and funded by the National Endowment for Democracy and European Endowment for Democracy. This website reflects the views only of the author, and neither the National Endowment for Democracy can be held responsible for any use which may be made of the information contained therein .