/* Template Name: Home */
Претставници на DigiU остварија работен состанок со ректорот на УГД Штип

Претставници на DigiU остварија работен состанок со ректорот на УГД Штип

Претставници на иницијативата „#DigiU“ беа во работна посета на Штип каде се сретнаа со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски и со проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров. Тема на состаноците беше процесот на дигитална трансформација во високото образование и начините за негово унапредување. Посебен акцент беше ставен на позитивните практики кои овој Универзитет ги покажува во сферата на дигитализацијата на студентските услуги и е-учењето. За таа цел, во наредниот период се планира организирање на заеднички настани со цел промоција на конкретни позитивни дигитални примери кои веќе даваат видливи и конкретни резултати за студентите, наставниот кадар и целокупниот високообразовен процес воопшто.

Иницијативата #DigiU е иницирана од Форумот за образовни промени (ФОП-FECH), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). Таа официјално започна на 3 февруари 2023 година, а на конститутивната средба присуствуваа и своја поддршка дадоа и дел од студентските собранија. „Студентите имаат 100 проблеми, но трчањето по шалтери не треба да е еден од нив!“ – беше заедничкиот заклучок за време на овој прв официјален состанок. За таа цел, студентите и нивните организации, обединети во рамки на #DigiU бараат дигитално трансформирани универзитети и дигитални услуги во високото образование!

Исто така, #DigiU организираше Форум на тема „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“, кој се одржа на 27.4.2023 година. Непосредно потоа беше промовирана и Анализата на состојбата со дигитализацијата на државните универзитети издадена на македонски и албански јазик. Оваа публикација е изработена од страна на ФОП, ИДУЕП и YEA и е поддржана од страна на European Endowment for Democracy (EED).