/* Template Name: Home */
Изјава за медиуми: Ветингот во високото образование е национална потреба!

Изјава за медиуми: Ветингот во високото образование е национална потреба!

Високото образование во Република Северна Македонија во последните десет години се карактеризира со низок квалитет, нетранспарентност и коруптивни афери. Не случајно секоја академска година нашите државни универзитети имаат по илјада студенти помалку и додека се намалува бројот на студенти во државата се зголемува бројот на наши студенти кои студираат во странство.

Сето ова е показател дека реформите на ова поле се неизбежни. Потребата за сеопфатен процес на ветинг во високото образование во овој момент е НАЦИОНАЛНА ПОТРЕБА. Како Форум за образовни промени имаме конкретен план како тоа може и треба да се спроведе. Со ветинг ќе се обезбеди квалитет, доверливост и интегритет во високото образование. Овој процес ќе послужи како основа за одржување на угледот на академската заедница и за интензивирање на борбата против корупцијата во високото образование.

Нашиот предлог за проверки во високото образование е фокусиран на три области:

 

  • Лицата со раководни позиции во универзитетите како што се ректори, проректори, декани и продекани треба да се подложат на процесот на ветинг. Притоа Државниот просветен инспекторат и Државниот завод за ревизија на почетокот на секоја академска година задолжително да вршат вонредни инспекциски надзори за проверка на потенцијалните неправилности во текот на нивната работа како и начинот на управување со финансиите.
  • Да се проверат сите одлуки за акредитација на сомнителни програми од Одборот за акредитација во високото образование. Членовите на оваа институција мора да подлежат на ветинг преку кој ќе се провери нивната професионална етика како и можноста за евентуален конфликт на интереси.
  • Да се проверат академските звања на професори за кои во јавноста постојат индиции дека звањето можеби го добиле спротивно на Законот за високо образование. Во оваа насока повикуваме да се заострат критериумите во академските унапредувања а сето тоа да го направи независна национална комисија која ќе биде одговорна за генерална проверка на напредокот во академски звања на сите професори во последните 15 години.

 

Од друга страна, транспарентноста на државните универзитети во Република Северна Македонија може да се дефинира како НЕСООДВЕТНА, ако не и непостоечка. Ова тврдење е поткрепено со фактот дека универзитетите во нашата држава имаат долга традиција на затвореност или поинаку кажано не покажуваат никаква одговорност за транспарентност во јавноста. 

Како мерка за зајакнување на транспарентноста на високообразовните институции во Република Северна Македонија, предлагаме:

  • Пренесување во живо на состаноците на универзитетскиот Сенат. Сенатот е најважниот орган во рамките на еден универзитет додека пак универзитетите се јавни институции кои се финансираат од граѓаните, особено од студентите кои го имаат правото да бидат навреме  информирани за одлуките што ги носи овој орган. До денес Сенатот заседава и носи одлуки тотално анонимно, дистанцирано од  студентите и настрана од сите граѓани на државата.
  • Објавување на сите важни документи на веб-страниците на универзитетите. Забележуваме дека освен општи јавни документи како статути, финансиски извештаи и друго, биографиите на професорите најчесто не се објавуваат на веб-страниците на универзитетите и бараме тоа да се направи итно. Повторно потсетуваме дека универзитетите се јавни институции и дека професорите се плаќаат од средствата на даночните обрзници. Затоа студентите заслужуваат да бидат информирани за професионалните биографии на професорите кои им предаваат и кои се платени од нивните средства. Имаме право да знаеме колку професорите работат на себе и на професионализмот.

 

ФОП верува дека овие мерки значително ќе придонесат за тековните напори за подобрување на квалитетот на високото образование и за поттикнување на квалитетот на нашите академски институции. Проширувањето на процесот на ветинг и во високото образование каде што има големи предизвици е во согласност со нашата визија.


Ветинг во високото образование_pdf