Oбразование без граници

Моето образовно патување досега ме одведе низ три мошне различни контексти: гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, Њујоршкиот универзитет во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати и универзитетот во Кембриџ во Обединетото Кралство. Секоја од овие институции на свој начин го обликуваше мојот интелектуален развој, но земени заедно, тие воедно ги откриваат и пошироките предизвици и можности за образованието во Македонија. Преку споредба на овие искуства, можеме подобро да разбереме што Македонија прави добро, каде заостанува и што може да научи од другите системи.

„Орце Николов“ со децении важи за една од најпрестижните гимназии во Скопје, со ученици кои редовно се истакнуваат и продолжуваат на престижни универзитети во странство. За време на моето школување таму, сведочев на големата посветеност на професорите кои работеа во услови на ограничени ресурси, застарена инфраструктура и скромни примања. Нивниот ангажман овозможуваше мотивираните ученици да постигнуваат одлични резултати и покрај системските ограничувања. Но училиштето воедно, до некаде, ги отсликуваше и најголемите слабости на македонското образование. Често се даваше предност на искажување на знаењето преку учење напамет наместо на критичко размислување; успехот најчесто се мереше со способноста на ученикот да ја повтори информацијата на тест, а не да ја анализира или интерпретира, и на тој начин да остане долготрајно во меморијата. Македонската наставна програма сама по себе е доста ригидна, каде доминираат испрашувања и тестови и ретко се отвора простор за интердисциплинарен пристап. За среќа, во Орце постоеја и постојат многу квалитетни професори кои размислуваа „вон кутијата“ и ми ја покажаа исклучителната важност на рационализирање и однесување по свој терк и со своја глава, со цел целосно обучување и создавање на академски силна личност.  Креативноста, дебатата и решавањето проблеми ретко беа систематски поттикнувани во училницата — тие се развиваа најмногу преку лична иницијатива на професорите и надворешни активности, најчесто применети преку учество во неформалното образование кое за среќа во Скопје е во подем. Со други зборови, талентот успеваше и покрај системот, а не благодарение на него.

Најостар контраст почувствував кога започнав студии на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби. Институцијата беше намерно дизајнирана да биде глобална, интердисциплинарна и насочена кон студентот. Наставата нагласуваше аналитичко пишување, независно истражување и отворен дијалог. Наместо да бидеме пасивни приматели на информации, како студенти бевме охрабрувани да критикуваме, дебатираме и придонесуваме. На скоро секое мое предавање не видов повеќе од десет колеги, а предавањата беа достапни за сите, без разлика на одбраниот факултет.  Посебно трансформативно беше тоа што професорите беа достапни и инклузивни, а наставата често се засноваше врз колаборативни проекти наместо класични испити. Неретко се случуваше потполно да се тргне настрана планот на професорот, и да се започне дискусија за светските проблеми, да се разгледа академска студија од различни агли, или да се создаде дебата каде од секој се очекува да го пренесе искуството од својата матична држава. Глобалниот карактер беше уште една клучна одлика: студентите доаѓаа од повеќе од 120 земји, а програмите за размена беа составен дел од студиите. Па така, многу мои колеги учеа по семестар или два во Америка, Австралија, Европа или Азија, а јас успеав да учам во Вашингтон и во Акра, Гана. За студент од Македонија, каде меѓународната размена е ограничена, ова претставуваше исклучително моќно искуство.

Во Универзитетот во Кембриџ пак, наидов на сосема поинаква традиција — академска пракса формирана со векови, но и отворена кон современите предизвици. Особено значаен беше супервизорскиот систем, каде студентите се среќаваат еден-на-еден со професор за да ги дискутираат своите есеи или истражувања. Овие средби бараа јасност на мислата, оригиналност на аргументот и интелектуална независност. Тој ригорозен пристап ми помогна да ги изострам аналитичките вештини и да научам колку е важно да се брани својот став под критичко преиспитување. Покрај тоа, Кембриџ покажа колку е значајна институционалната култура: библиотеките, архивите и истражувачките центри беа добро финансирани и достапни, создавајќи услови кои ја поттикнуваат љубопитноста и истражувањето. Самата структура на градот, со епитетот „студентски,“ уште толку ја нагласуваше важноста на академската атмосфера како водилка и креаторка на знаењето која создава бранови на светската академска сцена.

Споредбата на овие три институции ја нагласува и силата и слабостите на македонското образование. Веројатно најважно е дека нашите училишта создаваат ученици кои се издржливи, адаптивни и научени да постигнуваат со малку. Мислам дека токму затоа македонските студенти успеваат во странство. Но таа издржливост често ја маскира системската криза: застарени наставни програми, недоволно вложување во професорите, а со самото тоа и во учениците, ограничени можности за критичко и истражувачко учење и култура која го поистоветува образованието со „учење за оценка“. Како резултат, многу од најталентираните млади луѓе продолжуваат со образованието во странство, што го продлабочува феноменот на „одлив на мозоци“. Засега, решението на овој феномен ми останува непознато.

Лекциите и заклучоците од странство се повеќе од корисни. Од Њујоршкиот универзитет во Абу Даби, Македонија може да го преземе интердисциплинарниот пристап и глобалната насоченост. Проектната настава, можностите за размена и вклучувањето на студентите како активни партнери би можеле да ја ревитализираат наставата. Од Кембриџ, пак, можеме да научиме колку е важно да се негува длабочина на знаење и критичко мислење, поддржано со соодветни ресурси и менторство.

Ако Македонија сака да ги задржи своите млади и да го искористи образованието како двигател на развој, реформите мора да бидат насочени кон содржината и кон структурата. Следните примери се идеализирана верзија на тоа што би требало да се случи.  Прво, вложувањето во обука на професори е неопходно, бидејќи токму тие се носители на секоја промена. Второ, наставните програми треба да станат пофлексибилни, да поттикнуваат аналитичко пишување, дебата и истражување уште од раните фази. Трето, партнерства со меѓународни институции можат да обезбедат размена и изложеност без нужното искоренување. Исто така, учењето мора да биде повеќе поврзано со реалните општествени проблеми преку практикантски програми, проекти и граѓански ангажман.

На крајот, моето патување од „Орце Николов“ преку Њујоршкиот универзитет во Абу Даби до Кембриџ ме увери дека образованието не е само пренесување знаење, туку обликување на начин на размислување. Најдобрите системи поттикнуваат љубопитност наместо конформизам, самодоверба наместо покорност и соработка наместо празна конкуренција. Македонија располага со талент и потенцијал во изобилство. Потребно е само храброст да се замисли еден образовен систем што ќе го ослободи тој потенцијал, не во странство, туку дома.

Share the Post:

Related Posts