Ректорите на јавните универзитети во Република Северна Македонија се меѓу најплатените лица во јавниот сектор, со месечни нето-плати кои се движат од 3 до 4 илјади евра, во зависност од универзитетот. Од 2023 година, платите на академскиот кадар се зголемени за 50%, при што редовен професор месечно добива 103.775 денари нето од државниот буџет, без да се пресметаат додатоците.
Високи износи на месечна основа добиваат и советниците на ректорите, како и целиот наставен и ненаставен кадар. Само во последните четири години, Владата на Северна Македонија има доделено 18,5 милијарди денари за јавните универзитети.
Ова се само дел од наодите од истражувањето „Платите и додатоците на јавните универзитети во Северна Македонија: Како се регулираат?“, чии автор е Ардит Рамадани, објавено денес од Форумот за образовни промени.
ПЛАТИТЕ И ДОДАТОЦИТЕ ВО ЈАВНИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: КАКО СЕ РЕГУЛИРААТ?
Додатоците на ректорите се исклучително високи
Покрај основната месечна плата како редовен професор, која изнесува 103.775 денари без додатокот за минат труд, на ректорите им следува и додаток за функцијата „ректор“. Висината на овој додаток се утврдува од Сенатот на соодветниот универзитет, бидејќи се исплаќа од сопствените средства на универзитетите.
Нето-плати на ректорите на јавните универзитети во РСМ, без додаток за минат труд:
- Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје добива вкупно203.775денари нето, од кои 100.000 денари се функционален додаток, а остатокот е плата за редовен професор.
- Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола добива 244.834денари нето, од кои 141.059денари се функционален додаток, без пресметани придонеси.
- Ректорот на Универзитетот во Тетово добива 194.984денари нето, од кои 91.209денари се функционален додаток, од кој е одземен само персоналниот данок.
- Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје добива 155.982 денари нето, од кои 52.200денари се додаток за функцијата „ректор“.
- Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип добива 136.758 денари нето, од кои 32.983денари се функционален додаток.
- Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) претставува исклучок, бидејќи платата на ректорот е фиксна: 211.252 денари нето, без дополнителни функционални додатоци.
Форумот за образовни промени ги поставува следниве прашања: Со оглед на тоа што некои ректори се повисоко платени од Премиерот и Претседателката на државата — дали овие плати се оправдани? Ниту еден јавен универзитет од Северна Македонија не е рангиран во Шангајската листа, ниту пак се наоѓа меѓу 2000 најдобри универзитети во светот според други релевантни рангирања. Како граѓани, имаме право да прашаме: Што конкретно сте направиле за универзитетот што го водите? Какви инвестиции сте направиле со јавни средства? Колку научни истражувања сте поддржале? И најважно: како ја унапредивте позицијата и угледот на институцијата што ви е доверена?
Нето-плати од државниот буџет за наставниот и ненаставниот кадар
Платите на наставниот и ненаставниот кадар во јавните високообразовни установи постојано растат, а бројот на професори и соработници во нив изнесува 4.656.
Следната табела ги прикажува основните нето-плати финансирани од буџетот на државата, без да се вклучат додатоците за стаж (0.5% по година минат труд), додатоците определени од самите универзитети, надоместоците за менторства или учество во комисии.
Форумот за образовни промени инсистира распределбата на платите и додатоците во јавните универзитети да биде поправедна, транспарентна и заснована на мерит-систем.
Функционалните додатоци за ректори и декани треба да се оптимизираат, а додатокот за функцијата „ректор“ треба да биде поврзан со резултатите на универзитетот на меѓународните ранг-листи. Истовремено, сметаме дека додатоците кои ги доделуваат универзитетите за академскиот кадар се неоправдани, бидејќи постоечките плати се високи, а институциите немаат капацитет да ги покријат овие дополнителни трошоци.
Воедно, повикуваме универзитетите да ги објават на своите веб-страници сите правилници и одлуки за исплата на плати, надоместоци и додатоци за сите вработени. Функционалниот додаток за позицијата ректор не смее да биде повисок од основната плата на редовен професор, во согласност со начелото на пропорционалност и еднаквост внатре во институцијата.