Форумот за образовни промени го објави истражувањето „Платите и додатоците во јавните универзитети во Северна Македонија: Како се регулираат?“, на авторот Ардит Рамадани. Ова истражување фрла светлина врз тоа како се уредуваат платите на наставниот и ненаставниот кадар во јавните универзитети со средства од државниот буџет, како и врз функционалните додатоци што ги добиваат ректорите и деканите.
Високото образование е јавно добро, кое се финансира од парите на граѓаните и од џебот на студентите. Само во последните четири години, Владата на Северна Македонија има издвоено 18,5 милијарди денари од јавни средства за финансирање на јавните и јавно-приватните универзитети.
Академскиот и менаџерскиот кадар на јавните универзитети ги имаат едни од највисоките плати и додатоци во јавниот сектор. Академскиот кадар ја добива основната плата од Министерството за образование и наука. Висината на платата се базира на коефициентот утврден претходно од Владата на Северна Македонија, преку последниот Колективен договор, кој е потпишан во 2023 година и е инкорпориран во Законот за високо образование. Сепак, основната плата не е конечна, бидејќи некои универзитети доделуваат и дополнителни додатоци за академскиот кадар, во зависност од академската титула. Тие исто така имаат право да добијат дополнителни надоместоци за учество во различни комисии, менторства и слични активности.
Како раководство на универзитетот или академски менаџерски кадар обично се нарекуваат ректорите, проректорите, деканите и продеканите на факултетите. Покрај платата, имањето раководна позиција на јавен универзитет во Северна Македонија носи многу други придобивки. Затоа, ако се погледне историјата на ректорите низ годините на јавните и на јавно-приватните универзитети, ќе се види дека голем дел од ректорите тешко ја напуштаат ректорската функција, па обезбедуваат за себе од 2-3 мандати на оваа позиција.
Високото образование во Северна Македонија не е бесплатно, па така студентите плаќаат разни трошоци за секој семестар. И покрај ова, финансиската транспарентност на јавните и јавно-приватните универзитети остава многу да се посакува. Оттука, проценивме дека е потребно да се истражува како се доделуваат платите и надоместоците за раководните кадри на универзитетите, колку се овие надоместоци и кој ги одредува.
Истражувањето е спроведено целосно врз основа на анализа на закони, прописи, колективни договори и други потребни документи. Поради ниското ниво на транспарентност, повеќето од потребните документи не се објавени на веб-страниците на универзитетите. Истражувачот за наставниот кадар пресметал само основна нето плата, без додатоците за стаж што изнесуваат 0,5% за секоја завршена година, а најмногу до 20%, како и надоместоци за учество во комисии, менторства и слично. Од друга страна, за пресметка на месечните нето приходи на ректорите, истражувачот ги вклучил и функционалните додатоци, кои се исплаќаат од сопствените средства на универзитетот.