Се викам Мила Коруновска, студирам на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и за брзо ќе ја завршам мојата четврта година. На факултет одам секој ден, пеш или со автобус. За скоро најверојатно пеш ќе ми е единствената опција, слушаме како ќе се укине мерката за бесплатен јавен превоз за студенти во главниот град. Па уште малку ќе уживам во моите омилени активности: чекајќи барем 20 минути на постојка, иако пишува дека дури 3 автобуси треба да поминат во тоа време, туркајќи се меѓу сиот метеж со цел да влезам во автобусот, туркајќи се да излезам од него штом пристигнам до саканата дестинација (ако луѓето се доволно фини да дозволат да се пробијам, ако не, продолжуваме до наредна постојка). Нашите автобуси се навистина многу ажурни, понекогаш дури и пред време стигнуваат, доколку му се брза на возачот, се разбира. Иако на распоред (на веб-страницата, на мобилната апликација, на втората мобилна апликација) стои една сатница, доколку случајно нема премногу метеж уживаме во брзо возење со нагло кочење и пред време ја достигнуваме нашата крајна дестинација. Ако случајно сте го пресметале времето според објавениот возен ред, за жал ултра-брзите скопски автобуси често ќе ви поминат пред нос, а на вас останува да го чекате наредниот (ако воопшто дојде). ЈСП работи на принцип на изненадување – никогаш не знаеш што ќе добиеш.
Но не е сѐ толку црно – чекајќи на постојка и возејќи се секојдневно се заштедува многу време! Сега можам колку сакам да ги прелистувам истите 3 социјални мрежи и да ја држам в раце книгата што се убедувам веќе 2 недели да почнам да ја читам.
Се викам Мила Коруновска, родена и израсната сум во Охрид, а последниве 4 години ги поминав во Скопје. За да се вратам дома во Охрид, главната опција се 3-4 часа со стар автобус по феноменалната цена од околу 900 денари (само за студенти). Сите знаеме дека студентите често имаат по некоја 1000-ка вишок, па лесно е да се стигне дома. Ако не си студент (или ако индексот ти е задржан во студентска служба), истото патување ќе те чини многу поволни 1400 денари. Другата опција ми е „мамо тато, ве молам земете ме“ или „baram 1 slobodno mesto ohrid – skopje za petok po 16:00“. Со други зборови, нема простор за грижи – меѓуградските автобуси се секогаш тука да ви понудат незаборавен пат по многуте кривини и ексклузивниот автопат Охрид – Кичево што се гради со години. Изгледа надлежните вложуваат сѐ за да го направат што е можно подобар, па еве веќе подолго од деценија е во изградба.
Но не е сѐ толку црно – убавите пејсажи се вистински рај за очи, а дупките по патот надоместуваат за недостатокот на забавни паркови од нашите детства.
Се викам Мила Коруновска, 18 години од мојот живот безгрижно уживав дишејќи воздух, дури и здраво за готово го земав. Загаден воздух беше само концепт со кој нѐ плашеа како мали. „Вози велосипед“ на хамер во училница и садење дрвца за Денот на дрвото беа придружни мигови на детството, а не вистинско оружје против аерозагадувањето. Затоа сега, веќе четврта година скопскиот воздух ми ги сече градите и насолзува очите. Престолнината на планинска Македонија со години ги кити листите на топ 10 (топ 5 во полошите случаи) најзагадени градови во Европа и светот. А граѓаните траат. Си изгласуваат градоначалник по градоначалник, ќе излезат на некој протест, ќе напишат некоја пасивно-агресивна статија. Во меѓувреме, здив по здив сите се загушуваме.
Но не е сѐ толку мрачно – одвреме навреме кога ќе се развееат маглата и смогот, добиваме и по некој сончев ден. Само така учиме како да се ценат нештата, кога се ретки и кога не се знае колку долго ќе траат.
Се викам Мила Коруновска, родена сум во Охрид, Македонија, а студирам и живеам во Скопје. Претходниот семестар покрај редовната партиципација за факултет од 6150 денари, платив дополнителни 3000 денари за останати „трошоци“. Среќа што сум корисничка на стипендија, па можам остатокот да го покријам на тој начин. Патем, ја имам среќата да студирам на најстариот, најважниот и најдобриот универзитет во државата. А фактот што е најстар се гледа на неколку полиња, омиленото ми е како сѐ уште сме доследно приврзани за традиционалните хартиени пријави и физички индекси. Не само тоа, со целосно функционален дигитален систем, УКИМци си ги претпочитаат хартиите што претставуваат и дополнителен трошок, и дополнително загадување на животната средина.
Но не е сѐ толку црно – впрочем, на овој начин ги оживуваме обичаите и се поврзуваме со минатото. Со секое пополнување пријава, чекање бескрајни редици во студентските служби и бркање професори за оценка се чувствувам навистина поблиска со татко ми, кој кога студирал во 90-тите ги имал истите обврски.
Се викам Мила Коруновска, активно барам програми за постдипломски студии во странство, а иднината не ми е бистра ни тука, ни надвор. Рака под рака со илјадниците млади што веќе си ги спакуваа куферите, ја преминаа границата и избраа да ја плаќаат цената на туѓина, непознатост и потенцијална осаменост – наместо цената на воздух што нѐ души, образовен систем што нѐ краде, патишта што нѐ убиваат и транспорт што се граничи со непостоечки.
Се викам Мила Коруновска, чиста случајност е што сум родена во Охрид, Македонија. Можев да сум родена во Скопје, во Берлин, во Њу Јорк или во Газа. И пак ќе пишував, и пак ќе имав што да кажам.
Се викам Мила Коруновска, последните 4 години од мојот живот ги поминав студирајќи во Скопје. Можев да ги поминам во Љубљана, во Ајндховен, во Франкфурт или во Загреб. И таму ќе пишував, и ќе имав што да кажам.