Студентите со попреченост во универзитетските лавиринти

Градби кои се распаѓаат, покриви кои пропуштаат дожд (кој потоа хигиеничарките го собираат во кофи, секако во дослух со врвните технолошки достигнувања и деновиве актуелната дигитализација), недоволно предавални, предавални без соодветна опрема и тоалети чија состојба е колку згрозувачка, толку и загрозувачка за оние што ги користат  – ова се само дел од елементите што ја сочинуваат сликата за државните универзитети, која верувам дека ја споделуваме сите кои имаме каков било контакт со нив, или барем со УКИМ, бидејќи само за него можам да зборувам од лично искуство. Ако овој опис не изгледа доволно ужасно за секојдневното функционирање на кој било студент (макар што не делува ништо попријатно ниту за професорите, ниту за администрацијата), можете да замислите колку е покомплексна ситуацијата за студентите со попреченост.

Во оваа прилика нема да зборувам за статистички податоци, затоа што тие веќе кружат низ дигиталниот простор во вид на колумни напишани на мал број социјално одговорни платформи. Но, статистиката е добра точка за почеток, затоа што барем на статистичките листови на УКИМ не постои никаква категоризација на лица со попреченост, иако се прилично детално изработени, со исклучително релевантни прашања, од типот на работните позиции на двајцата родители на студентот. Всушност, овој лист кој секој студент го пополнува на почетокот од секоја академска година, мора да се пополни рачно, впрочем како и сите останати документи, но со оглед на тоа што нашиот „најстар и најголем универзитет“ очигледно не го признава ниту статистички постоењето на лица со посебни потреби, веројатно нема потреба ни да размислува како ова тие би го извеле.

Притоа, тука не станува збор за изнаоѓање конкретно решени во дадени моменти, туку за отсуството на системски стратегија. Моето движење низ бирократските лавиринти на УКИМ помина воглавно непречено, но тоа се должеше на студирањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност, прогресивна и релативно мала катедра, кон која гломазниот и нефункционален систем на универзитетот погледнуваше исто толку често, колку и кон сите маргинални појави во него, вклучително и лицата со попреченост, односно речиси никогаш. Но, надвор од ваквите меури, каде што функционален систем се создава „надвор од системот“ благодарение на индивидуите што ги заземаат, не постои институционален пристап кон студентите со посебни потреби. Тоа, пак, е проблем, затоа што политиките на една институција не може да зависат од индивидуалните постапки и случајните среќни околности, туку од однапред формулирани стратегии, каде што нема студентите со попреченост да зависат од добрата волја на оној на кој случајно ќе наидат, туку ќе може да се потпрат на системот. Ако ги погледнете овогодишните конкурси на УКИМ за запишување на студенти, ќе забележите дека студентите со попреченост, односно нивното право за ослободување од школарината се споменати само во конкурсот за прв циклус студии, додека се целосно испуштени од конкурсите за втор и трет циклус, иако се имплементирани доколку студентот со попреченост отиде и ѝ ја покаже на администрацијата одлуката на Владата донесена пред две и пол години.

Уште многу нешта може да се кажат на оваа тема, но излишно би било, во вакви околности, да се дискутира дали ова претставува интенционално прикривање на информации, при што би зборувале за најотворена дискриминација, или е само уште еден одраз на нефункционалната бирократија, затоа што односот на институциите кон студентите со попреченост е во обата случаи евидентен. Оттука, наједноставното свртување на погледот на универзитетите кон нивните студенти со попреченост би било првиот чекор кон каков било напредок, но истовремено и прелиминарен услов за секој универзите кој претендира да биде во тек со современите образовни институции во светот.

Share the Post:

Related Posts