Протест: Национален спорт на немоќните

Постои некоја посебна магија, едно волшебно чуство во самото стоење на улица, на минус температура дури се дереш за нешто толку радикално како…… држете се…… правда. Ау, фантастично! Група луѓе навистина мислат дека имаат збор во тоа како функционира светот. Но Сартр и Ками се изјаснаа –  протестот е начин човекот да го дефинира својот морален став, дури и кога изгледа дека светот е апсурден и неправеден. И всушност затоа, ние пак излегуваме, пак викаме, пак бараме, затоа што што друго да правиме? Да оставиме корупцијата и неправдата да не’ газат како неплатена сметка за струја, и тоа онаа јануарската? Не, фала.

Протестите секогаш биле последното прибежиште на оние што глупаво, наивно и слепо веруваат во праведност. Философите одамна расправаат за граѓанската непослушност – од Сократ што ја испи чашата со отров (принципите се поважни), до Маркс чие укажување е дека револуцијата е неизбежна кога богатите ќе станат премногу алчни. Ама па и, која е алтернативата? Гласање? Љубезно напишани и намирисани писма? Повик до правосудниот систем што функционира исто како јавниот превоз во Скопје? Можеби сите треба само тивко да седиме и да чекаме, можеби нешто ќе се створи само од себе и ќе изникне од почвата или уште полесно тоа нештото ќе падне од небото.

Да фрлиме око на последните протести во Македонија.
Борбата за чист воздух која што трае со години. Но што да се прави, таква ни е климата. Ете кажете како? Како? Со африкански танцов обред ли да повикаме силни силни ветрови, па да се спасиме од црнилово околу нас?! Под црнило мислев на воздухот, да не ме изгубивте читајќи па да ви залетал умот на бесмисленоста и нееднаквоста околу нас.
Исто така, случајот на Фросина Кулакова. Млада девојка покосена од беззаконик, и сега треба да веруваме дека ќе има правда затоа што се каат? Нели, сè  се простува ако добро се покаеш. Ама тоа е, овој филм е веќе изгледан, и спојлер: завршува со олеснителни околности, односно „ млад е и има иднина.“ Ах, да, познатата одбрана со „светла иднина.“ Кога би имале жртвите таква светла иднина… Но, не грижете се, системот функционира – само не за вас.

Следно на дневен ред, случајот на Викторија Николова, е уште еден потсетник дека пешачките премини кај нас се само декорација. Како и во многу други случаи на дивјачко и несовесно возење.  Да не го заборавиме и малиот Алмир, четири годишно дете кое беше прегазено. Случај што требаше да биде јасно убиство, ама наместо тоа стана правен циркус. Пораката е јасна: дотерај се и почни да се движиш во кругови кои еден ден можат да те извлечат од калта. Вмрежувањето е одговорт.

Нејсе претерав со сарказмот , да се вратиме на она што е битно а тоа е зошто протестираме? Затоа што молкот е соучесништво. Затоа што стоење во место додека светот се распаѓа не е опција. Затоа што дури и ако одговорните не слушаат, го чувствуваат притисокот. Протестите ги потсетуваат дека барем треба да се преправаат дека им е гајле. И гледано историски, понекогаш, само понекогаш, преправањето се претвора во вистинска промена – особено кога улиците одбиваат да молчат.

Но, ајде да бидеме реални. Протестите се исцрпувачки. Чекор по чекор, глас по глас, бараме нешто што одамна требаше да биде нормално. А што добиваме? Неколку млаки изјави, можеби некоја оставка за замајување на јавноста, и краток момент на заедништво пред сè повторно да заглави во истата монотонија Ама ако, ние пак се појавуваме. Можеби затоа што одбиваме да живееме во летаргија. Или затоа што знаеме дека молчењето тежи повеќе од уморот. Колку и да нè измори оваа борба, помислата на предавање е уште полоша.

Тоа е, наречете не’ наивни, идеалисти, без „вистински“ проблеми, сеедно, наречете  не’ како сакате. Но ние, граѓаните, ќе бидеме таму, на улиците, викајќи, затоа што ако не ние – кој? И кој знае? Можеби еден ден, системот толку ќе се исплаши од нас што всушност ќе си ја заврши работата. Замижете и замислете!

Share the Post:

Related Posts