Имам навика секој пат кога ќе поминам покрај библиотека на тркала, да ги разгледам полиците и да се почестам по некое ново четиво. Пред две години, случајно наидов на мала колекција есеи од ракописот на Славој Жижек, инспирирана од неговиот неодамнешен престој во Скопје. Поттикнат од парадоксална случка, на рецепцијата во хотелот во кој престојувал, во „Пепелник во еден хотел во Скопје“, Жижек раскажува:
„Во еден хотел во Скопје каде што престојував неодамна, мојата придружничка праша дали пушењето в соба е дозволено, а одговорот што го доби од рецепционерот беше исклучителен: „Се разбира дека не е, забрането е со закон. Ама имате пепелници во собата, па не е проблем“. Ова не беше крајот на изненадувањата: кога влеговме во собата, на масата навистина имаше стаклен пепелник, а на дното имаше едно сликиче, цигара врз која имаше голем круг со дијагонална линија преку него што означуваше забрана… Значи, ова не беше вообичаената тактика што се среќава во толерантни хотели каде што дискретно ви шепнуваат дека, иако официјално е забрането, може внимателно да пушите, стоејќи покрај отворен прозорец или така нешто. Контрадикцијата (помеѓу забраната и дозволата) отворено се претпоставуваше и со тоа се поништуваше, се сметаше за непостојна, т.е. пораката беше: „Забрането е, ама еве како се прави“.“
Главниот мотив кој го шета читачот низ овие пет есеи е токму парадоксот произлезен од „Забрането е, ама еве како се прави“. Во нив, авторот се оддалечува од традиционалната и Фројдовска концепција на суперегото како морален глас кој забранува и го поддржува писхоаналитичкиот концепт на Жак Лакан „Мораш!“. Честопати ќе ги разлистам страните од оваа збирка по низа случувања во македонското општество, за полесно да ги препознаам манифестациите на суперегото во Лакановската смисла. Веќе, дури и уличните кучиња на булеварот Гоце Делчев се свесни на академската корупција во Македонија, која е далеку од аномалија или девијација во системот, напротив, ако извлечеме аналогија со пепелникот, таа е структурна последица на суперегоитичкиот императив што го претвора правото на образование во должност за диплома.
Оваа колумна, нема за цел да впери прсти никому, напротив како автор ќе се обидам да го управувам кормилото додека пловам во водите на императивот на суперегото во академски контекст, а тебе читачу те охрабрувам да бидеш критички настроен, читаш со отворен ум и слободно да не се сложиш со моето управување на бродот.
Па, ајде да почнеме…
Парадоксот „Забрането е, ама еве како се прави“ во академски контекст
Како и се друго во државата и академскиот систем цвета со правни механизми и законски забрани, од сите страни опколен со ригидни правила и процедури, јасни мандати и независна евалуација на процесот на акредитација. Сепак, теоријата и праксата дијаметрално се спротивставуваат кога ќе се земат статистиките предвид, како што се 20% од студентите кои признаваат изнудување мито за положување испит или фрапантните 13.413 огласи за продажба на дипломски, мастерски и докторски тези од Фејсбук пазарџиите во 2020 година.
Контрадикцијата помеѓу теоријата и работната пракса не се решава со нови закони и подобрена контрола, тука доаѓаме до структурен парадокс на систем во кој забраната и дозволата, законот и трансгресијата, коегзистираат како неразделни двојници. Ваквата структура ја одржува корупцијата како неизбежен дел од самата логика на системот. Како на пепелникот во Жижековата метафора, каде забраната за пушење и постоењето на пепелникот отвораат императив: „Забрането е, ама еве како се прави“, така и забраната на корупција во високообразовниот систем се спојува со начините за нејзина практична дозвола. Во тие две
коегзистентни пораки, забраната и инструкцијата за прекршување на таа забрана, лежи болната вистина за академската корупција која не само што е прекршување на правилата, туку и потврда на структурата заглавена во еден парадокс.
Императив на суперегото „Дипломирај!“
Од морален глас на забрана, Жак Лакан го редефинира суперегото во садистички глас што наредува, и така, од класичната и Фројдовска порака „Не смееш!“, суперегото во современата култура екстремно инсистира „Мораш! Уживај! Никогаш не е доволно!“. Овој парадоксален императив Лакан го поврзува со општеството на прекумерна продуктивност и потрошувачка. Во академска смисла, ова значи дека образовниот систем не те наградува за стекнатото знаење, туку те принудува на дипломирање како единствена мерка за успех. Во академски „дијалог“ суперегото транслира неколку главни пораки: семејството ти вели дека не смееш да останеш без факултет, пазарот на труд инсистира дека дипломата е задолжителна карта за вработување, а јавното мислење создава притисок да не останеш единствениот без диплома.
Мораш да имаш диплома, не е важно како!
Тука се јавува парадоксот на вината. Фројдовото традиционално рамниште, укажува дека суперегото создава вина кога ги кршиме забраните, пример „чувствувам вина ако лажам на испит“, додека лакановската верзија, вината ја враќа со обратен знак, односно „чувствувам вина ако не положам“, без оглед дали полагањето е чесно или во категоријата „…ама еве како се прави“ .
На крајот на краиштата, императивот „Мораш да имаш диплома!“ ја обликува академската култура како нерефлектирана машинерија за производство на дипломи, наместо динамична заедница за создавање и размена на знаење. Во таа машина, дипломата е хартиена потврда на само-репродуцирачките барања на системот, кој ја прифаќа и санкционира трансгресијата како неизбежна и дури како неопходна. Само преку преиспитување на оваа основна команда од императив за дипломирање кон поттик за вистинска желба за учење, може да се создаде простор каде студентот ќе се ослободи од парадоксалниот притисок и ќе почне да го искусува образованието како вистинска средба со знаењето и академијата.
Исклучување на „дригиот“: од поткрепено знање кон солипсистичка трансакција
При толкување на Жижек во академскиот контекст, носиме заклучок дека современата академска култура постепено го депримитивизира вистинскиот однос со „другиот“ и конвергира кон претворање на процесот на учење во самозадоволувачка солипситичка трансакција. Во овој случај „другиот“ е даскалот како идеал и медиум за трансформација пред и после факултет. Во таа рамка, прогресијата на корумпираните практики во високото образование може да се разгледа во четири фази:
- Вистински академски однос („другиот“ е присутен)
Во идеална академска средина, студентот и професорот се наоѓаат во дијалектрична размена: студентот доаѓа со отворен ум и се соочува со знаењето што го поттикнува да расте и да се трансформира. Според Лакан, средбата со радикално различното ни овозможува да влеземе во симболички поредок и да се формираме како автономни субјекти. Во оваа фаза, учењето не е средство, туку цел за суштински процес на внатрешно преобликување и раст. Ова е идеалот кој го нарекуваме образование без коруптивни практики.
- Инструментализација („другиот“ како средство)
Инструментализацијата е првиот чекор кон исклучување на вистинскиот однос. „Дугиот“ се сведува на средство за остварување на посакуваната цел – диплома. Знаењето престанува да биде вредност сама по себе, туку се претвора во валута за профит и моќ. Ова не значи дека под дифолт знаењето е исклучено. Инструментализацијата е децениски вкоренувана во вискообразовниот систем во Македонија преку низа примери, меѓу кои и уцената да се купи учебникот на предметниот професор, како услов за положување. Тука односот формално останува, но е изопачен зошто професорот не го споделува знаењето заради страст, туку го користи како средство за приход.
- Директна трансакција („другиот“ е елиминиран)
Откако односот преминува во чиста трансакција „другиот“ практично се елиминира, знаењето не постои и наместо него единствената размена е пари за оценка. Третата фаза е добро позната на државните и приватните факултети низ државата каде оценките се купуваат или договараат како „услуга“, која впрочем е сѐ, освен услуга.
- Финална елиминација
Процесот кулминира со фазата на купување на готови трудови и дипломи, што целосно ја отстранува потребата од односот со „другиот“. Оној што ќе купи готов труд или диплома од анонимна Фејсбук група е сам во извршување на чинот, иако 13.413 други луѓе го прават истото. Заедно, тие формираат заедница во тоа што сите ја споделуваат изолацијата од академското искуство и вистинските квалификации.
Секое ниво ја уништува претходната форма на средба, заменувајќи ја со механичка или пазарна трансакција, притоа тука од епизода на корупција, случајот прераснува во органско вградување на коруптивни практики во основата на системот. За да може да се врати интеракцијата со „другиот“ во академскиот процес, мора да се прекине трансакцијата и да се врати вредноста на знаењето.
Идеологија на легитимизација
Механизмот на легитимизација е најлесниот начин да се утешиме дека не сме дел од системот кој затајува или дека самостојно нема да придонесеме кон промена па дури и да не практикуваме корумпирани практики. Ваквиот механизам во академската корупција функционира преку рационализација на неприродниот императив на трансакција наспроти реална заслуга и знаење.
Како студент, хипокритички би било да не почнам од себе: честопати рационализаијата тргнува од себеоправдување и избегнување на личната одговорност со изговорите дека не можев да научам, дека професорот не ме сака или дека ме паѓа иако се знам. Ова се најосновните изговори, кои навидум личат безопасно, но корупција е дури и прашањето кои теми би се паднале на испит. Поостар пример е претворањето на авторитетот на професорот во формална дозвола за корупција вадејќи се на изговорот „професорот ми побара“. На врвот на оправдувањaта стои колективната нормализација која го потиснува моралниот конфликт кога солипсистичката потреба од трансакција се гледа како универзален феномен под лепенката „сите го прават“.
Сепак, студентите се најдолниот ред од оваа пирамида на легитимизација и рационализација. Главниот проблем е многу подлабок и лежи во рационализација на институциите преку статистичко минимизирање што ја прикажува корупцијата како маргинална аномалија и преку
банализирањето на сериозноста на злоупотребата на моќ како „индивидуална слабост“ на професорот или лицето во моќ, наместо структурен факт. Често, одговорноста се пресметува за одвлекување на вниманието од институционалните механизми кои ја таргетираат жртвата, односно студентот, како неселективна во соочување со неправдата преку изговорите „студентите не знаат како да пријават, а механизмите постојат“.
Механизмите не само што не постојат, туку нивната фиктивност носи поголема штета отколку кога воопшто не би се ни споменале.
„Радикална“ трансформација на академската структура
Во академскиот контекст на Македонија, проблемот со корупција не се решава со антикорупциска едукација за каде и како се пријавуваат случаите, со воведување на нови закони и регулативи или строги инспекции и казни. Сето тоа спаѓа во техничка поправка на симптомите и не гарантираат промена на структурната димензија на системот. Со нив императивот „Важно да дипломираш!“ ќе продолжи да функционира како мотор на корупцијата. Природата на проблемот не е само сликата на лошиот професор, ленливиот студент и слабата институција, главниот проблем е легитимацијата што ја одржува корупцијата: универзитетите зависат од бројот на дипломирани, пазарот на труд бара диплома наместо знаење и вештини, студентите се принудени да се усогласат или ќе бидат целосно потиснати. Со ова дипломата се претвора во симулакрум, а академскиот интегритет приказна за мали деца.
Доколку системот го користи изговорот дека постои механизам за пријавување на корупцијата, притоа не постои механизам за заштита на студентот или студентите од злоупотребата на моќ по првичното пријавување, тогаш впрочем и не постои механизам за пријавување на корупција.
Оттука и патот кон структурната промена оди циклично како и фазите на прогресијата на коруптивните практики во високото образование, имеративот (принудата) треба да стане желба, а не обврска; трансакцијата да стане средба, а не обврска, враќајќи го професорот како „другиот“, притоа да предизвика раст кај студентот; и фетишот на диплома мора да се замени со знаење, вештини и критичко размислување. Со тоа фокусот не е на машинеријата за производство на дипломи, туку образовен простор за произведување квалитетен кадар и интегритет со структура која оди во интерес на студентите, академскиот дигнитет и општествениот просперитет.
Механичката должност наспроти интегритетот и одговорноста
Формалниот императив да се стекнеш со диплома ја потиснува одговорност на поединецот која треба да ја сноси преку личниот интегритет кога ќе се приклучи на пазарот на трудот. Оттука образовниот систем гради општество сочинето од индивидуи кои не препознаваат корупција и продолжуваат со (свесно или несвесно) практикување на истата како природен феномен и социјално прифатена норма.
Парадоксот на пепелникот ја начнува суштината на систем што формално забранува, а практично овозможува корупција, тука универзитетите стануваат фабрики за дипломи наместо места за образување. Нови закони, инспекции и „надзори“ се површински мерки кои лечат само симптоми додека основниот императив „Мораш да дипломираш!“, како дијагноза, останува нетретиран.
Сè додека образовниот систем се движи од обврска кон диплома, а не кон квалитет, академскиот интегритет ќе остане симулакрум: пепелникот со забранетиот симбол ќе продолжи да стои на масата, очекувајќи да се искористи. Единствен излез е демонтирање на императивот што ја легитимира корупцијата и враќање на образованието како вистинска средба со знаењето.

