Иницијативата за дигитализација на државните универзитети #DigiU е иницирана од Форумот за образовни промени (ФОП-FECH), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување (YEA). Таа официјално започна на 3 февруари 2023 година, а на конститутивната средба присуствуваа и своја поддршка дадоа и дел од студентските собранија. „Студентите имаат 100 проблеми, но трчањето по шалтери не треба да е еден од нив!“ – беше заедничкиот заклучок за време на овој прв официјален состанок. За таа цел, студентите и нивните организации, обединети во рамки на #DigiU бараат дигитално трансформирани универзитети и дигитални услуги во високото образование!
Во склоп на активнсотисте на платформата #DigiU, на 9 октомври 2024 година во просториите на ИННО ФЕИТ во Скопје се одржа настанот „Заедничка платформа за дигитализација на високото образование“. На настанот учествуваа Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Ректорот на Универзитетот Мајка Тераза, Изет Зеќири, Ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски, Игор Неделковски, про-ректорката на Универзитетот Гоце Делчев Штип, Про ректорот на Универзитет Св. Кирил и Методиј и професори и претставници од Универзиетот на Југоисточна Европа и Тетовскиот Универзитет како и пратеници од Собранието.
Целта на настанот беше да се разгледаат досегашните активности поврзани со дигитализацијата на високото образование и да се идентификуваат предизвиците и можностите за забрзување на овој процес. Главните теми кои беа разгледани вклучуваат: автономијата на универзитетите во процесот на дигитализација, потребата од подобра координација меѓу различните универзитети и институции, адаптација на законската регулатива, како и зголемување на финансиските инвестиции за развој на дигиталната инфраструктура.
Со цел да се забрза процесот на дигитализација, платформата #DigiU, во соработка со Министерството за образование и наука и државните универзитети, ги подготви следните препораки кои ќе им помогнат на засегнатите страни во донесување на соодветни мерки и активности. Овие препораки се фокусираат на клучни области како што се развој на унифицирана дигитална платформа, правна рамка за дигитализација, вклучување на студентите во одлуките и обезбедување на дигитална обука за наставниот кадар и студентите.
Заклучоците од оваа дискусија укажаа на неколку клучни аспекти за понатамошна акција:
- Потреба од централизирана дигитална платформа за сите универзитети, која ќе ги обедини сите административни процеси и ќе ја олесни интеракцијата помеѓу студентите, професорите и администрацијата.
- Измени во законодавството, вклучувајќи го Законот за високо образование, и Законот за канцелариско архивско работење со цел да се овозможи целосна дигитализација на студентските индекси и академски процеси.
- Подобрување на дигиталната инфраструктура, преку зголемени буџетски средства, кои ќе обезбедат услови за универзитетите да ги развијат своите дигитални капацитети.
- Вклучување на студентите и наставниците во процесот на дигитализација преку соодветни обуки за користење на новите дигитални системи и алатки.
Подеталните мерки и преопораки може да се прочитат на нашата публикација со препораки до властите.