СООПШТЕНИЕ: ДЕМОКРАТИЈАТА Е ВО ОПАСНОСТ

Злоупотребата на службената должност за финансиска добивка е дефиниција за корупција, а оној што ги врши овие дејствија е корумпиран, ненаситен и нечесен. Ова е убедувањето на Форумот за образовни промени и сè уште не се родил човек, било да е моќник, олигарх или политичар, кој би можел да нè поколеба во ова убедување. Вредно е да го кажеме ова уште на сам почеток.

СООПШТЕНИЕ: ДЕМОКРАТИЈАТА Е ВО ОПАСНОСТ

Кочо Анѓушев, лицето што се наоѓа на американската црна листа за сериозна корупција, преку адвокатска компанија од САД, испрати писмо со кое „им наредува на активистите од Форумот за образовни промени да престанат да го користат името на Анѓушев во нивните активности“ и доколку не ја почитуваме нивната наредба, како што велат во писмото „ќе преземат други мерки“.

Писмото од адвокатите пристигна во нашите канцеларии само неколку дена по герила акцијата на Машинскиот факултет, каде што ги повикавме студентите да побараат совети и трикови од нивниот професор за најлесниот начин да завршат на американската црна листа. Адвокатите, меѓу другото, најавуваат дека ќе поднесат жалба против нас пред институциите на САД.

Но, да ве потсетиме дека Форумот за образовни промени не функционира под наредба, затоа: На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет. Три, четири, пет, илјада пати ќе го повториме истото, бидејќи цврсто веруваме дека луѓето за кои САД имаат докази дека ја злоупотребиле службената должност, треба да бидат што подалеку од студентите.

Секогаш кога некој богат човек ќе се обиде да ги искористи државните институции за да ги замолчи активистите, демократијата е во опасност. SLAPP-тужбите имаат за цел да цензурираат и заплашуваат активисти – но, нека му каже некој на Анѓушев дека активистите од Форум за образовни промени не само што не се плашат од овие постапки, туку тие само нè мотивираат да продолжиме.

Анѓушев е лице инволвирано во сериозна корупција, и не, тоа не го тврди Форумот, туку извештајот на Стејт департментот, кој за нас е крајно релевантен извор. Тој, заедно со своите адвокати, бидејќи нема моќ и капацитет да се соочи со вистинскиот извор на оваа изјава, се обидува да ги заплаши и цензурира активистите од граѓанското општество.

Освен тоа, членовите на Форум за образовни промени во последно време добиваат сомнителни заканувачки телефонски повици и пораки. За сето ова, Форумот ги извести сите амбасади и странски организации во земјата, вклучително и релевантните државни институции. Нашите напори за градење универзитети со нулта толеранција за корупцијата ќе продолжат.

 

Letter to Mr Blendi Hodai 02.25.25 (1)

Share the Post:

Related Posts