За прв пат е објавена Повелбата за Студентски Права

Форумот за Образовни Промени за прв пат ја објавува Повелбата за Студентски Права чиј автор е Викторија Постоловска. Овој документ беше презентиран пред студенти и учесници од целиот регион на Студентскиот Форум што се одржа на 9 март 2024 година во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

  • Повелбата за Студентски Права а можете да ја најдете со кликнување ТУКА.

За што се работи?

Студентите во Северна Македонија успеаја да ги добијат најважните „битки“ за своите права во 2018 година. Како резултат на студентскиот бунт истата година беше изгласан Законот за Високо Образование.

Преку овој закон, студентите конечно беа признати како активни учесници во академската заедница и им беше дадено легитимно право да се организираат во студентски собраниа на демократски начин.

Но, и покрај тоа, она што се издвојува е плиткоста на овој закон, делови од овој закон се доживуваат како недовршени, избрзани и неконзистентни. Она што најмногу го привлече вниманието на ФОП беше обемот на несоодветно дефинираните права и слободи што им се даваат на студентите на нивна целосна команда.

Студентите мора да станат полноправни членови во академската заедница, бидејќи една заедница која не ги признава слободите на сите свои членови е заедница која не ја признава слободата воопшто.

Високото образование, студентите и општеството 

Правото на запишување во високообразовна институција им припаѓа на сите луѓе кои имаат завршено средно образование. Секој/а студент/ка има право целосно и рамноправно да учествува во високото образование без да се соочува со какви било предрасуди.

Секој/а студент/ка има право на еднакво користење на високообразовните/академските простории. Секој/а студент/ка има право на образование со доволна финансиска поддршка од Владата.

  • Прочитајте го овој дел во целост со кликнување ТУКА.

Академска слобода, автономија и одговорност

Сите студенти имаат право да студираат во целосно финансирани високообразовни институции. Секој/а студент/ка има право на структурна сигурност како би го започнал/а, продолжил/а и завршил/а текот на студиите.

Без оглед на околностите, сите студенти имаат право да ги остварат своите образовни цели без оглед на можните финансиски оптоварувања врз Владата или високообразовната институција. Секој/а студент/ка има право на заштита на својот академски интегритет, права и слободи.

  • Прочитајте го овој дел во целост со кликнување ТУКА.

Интернационализација

Сите студенти, без разлика на нивната социо-економска позадина, имаат право да учествуваат во која било програма
за мобилност. Секој/а студент/ка има право на целосно финансирање за време на студирањето во странство.

Секој/а студент/ка има право на признание и почит кон неговото/нејзиното културно потекло. Секој/а студент/ка има право да се премести надвор од матичната образовна институција.

  • Прочитајте го овој дел во целост со кликнување ТУКА.

Квалитетно образование за сите 

Како дел од избраната академска програма, секој/а студент/ка има право на евалуација или оценување исклучиво врз основа на академските постигнувања. Секој/а студент/ка има право на конструктивна критика во однос на неговите/нејзините академски перформанси и напори.

Секој/а студент/ка има право на настава и пракса во средини кои го поттикнуваат и поддржуваат развојот на независното
учење, критичкото размислување и личниот развој. Секој/а студент/ка има право на еднакво учество во тековната
евалуација на образовните програми и институции.

  • Прочитајте го овој дел во целост со кликнување ТУКА.

Ангажман на студентите

Слободата за самостојно организирање им припаѓа на сите студенти. Секој/а студент/ка има право неговите/нејзините гледишта околу високообразовните процеси да бидат подеднакво земени предвид со оние на сите засегнати страни.

Слободата на изразување им припаѓа на сите студентски организации и не треба да се ограничува само на дискусии на
академски теми. Сите студентски репрезентативни организации имаат право на признание, финансиска поддршка и обезбедување на наменски простории од страна нивните високообразовни институции.

  • Прочитајте го овој дел во целост со кликнување ТУКА.

Нашата цел преку оваа Повелба за Студентски Права е правата и слободите што ги наведовме во овој документ да станат составен дел на Законот за Високо Образование. Дополнително, студентите сега имаат информативен документ со сите права и слободи што ги имаат.

Повелбата за Студентските Права ќе биде доставена до раководните власти и другите засегнати страни од областа на образованието, за да биде усвоена како дел од Законот за високо образование. Форумот за Образовни Промени ги повикува Министерството за Образование и Наука и Собранието на Северна Македонија да подготват предлог-амандмани кои ќе ги опфатат сите права дефинирани во Повелбата за Студентски Права.

Related articles

This website is supported and funded by the National Endowment for Democracy and European Endowment for Democracy. This website reflects the views only of the author, and neither the National Endowment for Democracy can be held responsible for any use which may be made of the information contained therein .