Форумот за образовни промени е организација посветена на подобрување на образовниот систем, академскиот стандард и условите на студентите. Овој предизвик е од јавен интерес и тоа е клучниот двигател на целата наша работа и напор. Нашиот тим е компактен, но мал во споредба со тежината и висината на оваа задача. Покрај техничките предизвици во нашите потфати, Форумот за образовни промени ги смета етичките стандарди за клучна вредност на етосот на нашата организација. Во нашето последно истражување кое имаше за цел да ја зголеми транспарентноста во високото образование, направивме ненамерен превид кој доведе во прашање интегритет на личност која беше дел од наодите. Во оваа прилика, врз основа на нашите внатрешни стандарди би сакале да упатиме искрено извинување до Проф. Д-р Сашо Георгиевски, Декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ поради погрешно претставување на податоците. Оваа грешка беше од технички карактер, но имаше последици по репутацијата и угледот на горенаведената личност. Во име на транспарентноста, би сакале јавноста да ја информираме за деталите кои доведоа до ова недоразбирање.
Имено, на истражувањето работеше тимот на Форумот за образовни промени кои ги анализираа и обработија бројките прикажани на сајтот на Државната комисија за спречување на корупција, во делот ,,Податоци за избрани и именувани лица“ каде можат да се најдат информации за имотната состојба на лицата именувани на одредени позиции. Наша цел беше да ја прикажеме состојбата на подвижен и недвижен имот на сите декани на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, обработувајќи податоци достапни од јавен карактер со цел полесно систематизирање на податоците. За време на обработувањето на податоците на Проф. Д-р Сашо Георгиевски, дојде до грешка при калкулацијата на севкупниот имот што истиот го пријавил, ненамерно, од страна на истражувачите кои го обработуваа неговиот профил. Причините за грешката при калкулација не одразуваат скриени намери или лични интереси туку чесен и ненамерен пропуст. Дополнително, при обработка на податоците, не е земен предвид статусот на стекнатиот имот, ниту потеклото на истиот. Жалејќи за непријатноста која ненамерно ја предизвикавме, ваквите грешки се важна лекција за сите нас од Форум за образони промени. Продолжуваме да ја информираме јавноста преку нашата истражувачка дејност, но во иднина многу повнимателно и посеопфатно, останувајќи доследни на својата заложба за подобрување на образовниот систем, академскиот стандард и позицијата на студентите во општеството.